Школската година во Авганистан започна без девојчиња поради забрана од талибанците

од Симе Стоиков
174 прегледи

Детската агенција на ОН вели дека повеќе од милион девојчиња се погодени од забраната.

Учебната година во Авганистан започна во средата, но без девојчињата на кои талибанците им забраниле да одат на настава по шесто одделение, што ја прави единствената земја со ограничувања за женското образование, јавува Анадолија.

Детската агенција на ОН вели дека повеќе од милион девојчиња се погодени од забраната. Исто така, се проценува дека пет милиони девојчиња не учеле пред талибанците да ја преземат власта поради недостиг на капацитети и други причини.

Министерството за образование на Талибанците го одбележа почетокот на новата академска година со церемонија на која не им беше дозволено да присуствуваат новинарките.

Во поканите упатени до новинарите пишува: „Поради немање соодветно место за сестрите, им се извинуваме на новинарките“.

За време на церемонијата, талибанскиот министер за образование Хабибула Ага рече дека Министерството се обидува „да го зголеми квалитетот на верското и модерното научно образование колку што е можно повеќе“.

Министерот исто така ги повика студентите да избегнуваат да носат облека што е во спротивност со исламските и авганистанските принципи.

Абдул Салам Ханафи, заменик-премиер на талибанците, рече дека тие се обидуваат да го шират образованието во „сите оддалечени области на земјата“.

Слични содржини