Високиот претставник Кристијан Шмит даде интервју за австрискиот портал „Profil.at“ во кое зборуваше за политичката криза предизвикана од Милорад Додик и откри детали кои досега не и беа познати на јавноста, пренесува „Кликс.ба“.
Шмит рече дека не се плаши од ескалација на насилството, туку дека гледа правна ескалација.
„Милорад Додик сака целосно нов устав за Република Српска. Ова е долго планирана подготовка за независност и можни други сценарија што постојат во регионот“, рече Шмит.
Шмит рече дека државните институции функционираат, но дека мора да се биде разумен и внимателен, а главниот одговорен Милорад Додик е во ќорсокак.
На прашањето кој треба да го уапси Додик, Шмит одговори дека надлежните институции мора да се справат со проблемот, а каков ќе биде исходот останува да видиме.
Шмит рече дека не гледа подготвеност за насилство, дури и кај оние кои сакаат отцепување на Република Српска. Тој исто така изјави дека Милорад Додик не блефира и дека ова е сепак обид да се исцртаат нови граници на „мирен начин“, но дека прашање е кој е одговорен за ескалацијата на тензиите во Босна и Херцеговина и дека особено е значаен фактот што Додик наводно планира да лета за Москва во среда.
На прашањето на новинарите дали Додик навистина ќе се врати ако лета за Москва, Шмит одговори дека тоа е интересно прашање и дека забележале дека „има една земја членка на ЕУ која очигледно веќе ја разгледала можноста да му обезбеди заштита“.
„Тешко е кога некој се преценува себеси. Верувам дека многу луѓе во Република Српска не мора да го поддржуваат Додик, но одреден степен на зависност постои преку вработувањето во пренадуваната државна служба. Додик им понуди можност на Србите кои работат во институциите на централната власт да си заминат, рече Шмит.