Шок и општ хаос: Како очевидци ја доживеаа експлозијата во Мадрид?

од Nikola Popovski

Денеска во центарот на Мадрид одекна силна експлозија во која според првичните информации животот го загубија три лица, додека осум се повредени. Причина за несреќата може да биде истекување на гас во зграда што припаѓа на Католичката црква. Очевидци раскажуваат како ја доживеале експлозијата што ја потресе целата улица.

„Во шок сум. Беше хаос. Никој не знаеше што се случи“, така го опишала келнерката во барот „Лос Тјернос“ моментот на експлозијата во Мадрид.

Како што изјавила, таа и готвачот забележале „нешто“, само откако клиентот им рекол дека видел чад.

„Тој пријде и рече дека има експлозија. После тоа, дојде полицијата, пожарникарите … хаос!“, изјавила келнерката. Барот бил отворен цело време.

„Бев во магацинот и слушнав ужасем звук. Кога се качив горе, исплашена жена влета во супермаркетот. За среќа, таа не беше повредена“, рече друг очевидец, работник во блискиот супермаркет.

„Додека читав, слушнав врева. Се тресеше прозорецот во мојата дневна соба. Погледнав и не видов ништо. После тоа, добив порака со прашање како сум“, изјавил Хавиер Берзос, жител на овој регион.

Себастијан Гомез, друг жител од околината, гледал телевизија кога ја слушнал вревата.

„Само што ручав и дремев. Бучавата ме разбуди. Трчав кон балконот и не видов ништо, само полициски возила ја блокираа улицата “, ја опишува ситуацијата Гомез.

Во моментот на експлозијата, Хесус Ремаша работел во канцеларијата, додека неговата сопруга била дома. Според неа, прозорците во соседната зграда биле скршени, се кренал чад и се чувствувал силен мирис на бензин.

Градоначалникот на Мадрид, Мартинес-Алмеида, им се обрати на жителите на градот по несреќата. Тој изрази сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посака успешно опоравување. 

Слични содржини