Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, потврди дека нема да присуствува на погребот на принцот Филип следната сабота, за да можат да бидат испратени поголем број членови на кралското семејство во согласност со епидемиолошките мерки.
Имено, за да се намали можноста од инфекција, на погребот ќе можат да присуствуваат само 30 лица, а меѓу нив ќе бидат и деца, внуци и други членови на потесното семејство.
„Епидемиолошките регулативи поради коронавирусот предвидуваат присуство на ограничен број луѓе на погребот, а премиерот ја донесе својата одлука во согласност со она што е најдобро за кралското семејство“, велат од кабинетот на премиерот Борис Џонсон.
Погребот ќе се одржи во замокот Виндзор, а палатата Бакигем побара од јавноста да не присуствува на овој чин поради пандемијата и беше посочено дека сè ќе се емитува на телевизија.
Принцот Чарлс од Велс му оддаде почит на принцот Филип велејќи му дека многу ќе му недостасува.
Чарлс рече дека неговиот покоен татко е многу посебна личност која ќе биде воодушевена пред се од реакцијата и трогателните зборови што беа изговорени за него.
Потоа истакна дека тој и неговото семејство се неизмерно благодарни на сè.
„Ќе не оддржувате со вашите зборови и поддршка и ќе ни помогнете да се справиме со загубата и овие тажни времиња“, рече принцот Чарлс.
Принцот Филип, сопруг на англиската кралица Елизабета Втора, почина во петокот на 99-годишна возраст.
Со оглед на ограничениот број луѓе кои можат да присуствуваат на погребот поради пандемијата, оваа церемонија всушност ќе биде токму она што отсекогаш го посакувал принцот Филип.
Имено, неговата желба беше погребот да биде од приватен карактер со фокус на потесното семејство.
Принцот Хари исто така потврди дека ќе присуствува на погребот, додека неговата сопруга војвотката од Сасекс, Меган Маркл, нема да може, поради бременост.
На денот на погребот, во 15 часот ќе се одржи национална минута молчење.
Членовите на кралското семејство, вклучително и принцот Чарлс, ќе одат зад ковчегот, додека кралицата Елизабета Втора ќе патува одделно до капелата.
Пропишано е сите луѓе што ќе присуствуваат на погребот да носат заштитни маски и да ги почитуваат мерките за физичко растојание.