Германија немаше претходни информации за подготовки за терористичкиот напад кој однесе повеќе од 140 животи минатата недела во концертната сала „Крокус сити хол“ во близина на Москва, изјави вчера германскио канцелар Олаф Шолц.
Во интервју за весникот „Маркише алгемајне цајтунг“, Шолц негираше дека Германија имала претходни сознанија за плановите за напад. Тој, сепак, посочи дека „американските (безбедносни) служби веројатно имаат траги“, додавајќи дека политиката на Вашингтон е да ги предупредува другите земји за можните терористички напади секогаш кога добива информации.
„Тие дури издадоа и јавно предупредување. Дотолку повеќе е жално што овој страшен терористички напад сепак се случи“, посочи канцеларот.
Шолц очигледно алудира на безбедносното предупредување издадено од Амбасадата на САД во Москва на 7 март, во кое посочува дека „ги следи извештаите оти екстремистите имаат непосредни планови да извршат терористички напад за време на голем собир во Москва, вклучително и на концерти“ и дека тоа би можело да се случи во следните 48 часа.
Белата куќа исто така соопшти дека ги споделила информациите за можен напад со руските власти. Шефот на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), Александар Бортников, потврди дека САД ја предупредиле Москва за потенцијален терористички напад, но нагласи дека информацијата била„од општа природа.
Бортников, исто така, посочи дека, заедно со Украина, САД и Велика Британија можеби имале улога во нападот на „Крокус“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изрази сомневање за категоричното негирање на Вашингтон за каква било вмешаност на Киев во нападот, како и подготвеноста на САД да инсистираат на тоа дека масакрот го извршиле исклучиво терористите на ИД.
Во терористичкиот напад на 22 март вечерта пред концертот во „Крокус сити хол“ загинаа 143 лица, а повредени се речиси 200 луѓе, штого прави најсмртоноскиот напад во Русија од 2004 година. Путин ги опиша извршителите на масакрот, кои беа уапсени следниот ден во регионот Брјанск, како „радикални исламисти“.