Шолц: Важно е да се отвори патот за Украина кон ЕУ. Киев не е виновен за нападот на Русија

од Aneta Risteska
43 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја истакна важноста да се отвори патот за пристап на Украина во Европската унија и ги отфрли сугестиите дека земјата е виновна за рускиот напад врз неа.

Запрашан дали го дели мислењето на американскиот претседател Доналд Трамп, во склад со мислењето на рускиот претседател Владимир Путин, дека Украина е виновна за војната, Шолц изјави за јавната телевизија АРД дека не верува дека Украина е виновна и дека Европа инсистира на тоа, објави Ројтерс.

Поради оваа причина, рече тој, ЕУ ја држи отворена вратата за Украина како потенцијална членка.

„На Украина не смее да ѝ биде попречена одлуката да биде демократска, суверена нација на нејзиниот пат кон Европа“, нагласи Шолц, пренесува Танјуг.

Кога станува збор за идното мировно решение, Шолц рече дека Украина мора да има силна армија „за која ние во Европа и нашите меѓународни и трансатлантски партнери ја делиме одговорноста“.

Американскиот претседател Доналд Трамп изрази уверување дека Русија „ги држи картите“ во какви било мировни преговори за ставање крај на војната во Украина бидејќи „зазела многу територија“.

Трамп тврди дека Зеленски има само четири отсто поддршка во Украина.

Неговите изјави вчера предизвикаа критики од европските лидери, при што германскиот канцелар Олаф Шолц рече дека е „едноставно погрешно и опасно да се негира неговиот демократски легитимитет на претседателот Зеленски“.

Европските лидери предупредуваат дека не може да се постигне договор без учество и согласност на Украинците, а бараат и ЕУ да има свое седиште на масата во мировните преговори.

Слични содржини