Германскиот канцелар Олаф Шолц во денешниот телефонски разговор го повика рускиот претседател Владимир Путин да најде дипломатско решение за конфликтот во Украина засновано на прекин на огнот и целосно и итно повлекување на руските војници, изјави портпаролот на германската влада Штефен Хебестрајт.
Како што наведе, Шолц предупреди дека било какви чекори преземени од Русија кон анексија на територии нема да останат без одговор и нема да бидат признаени под никакви услови.
Тој објави дека во 90-минутниот разговор Шолц ја истакнал потребата да се обезбеди безбедност на нуклеарната централа Запорожје, пренесува Ројтерс.
Според портпаролот, германскиот канцелар апелирал до Путин Русија да продолжи целосно да го спроведува договорот поддржан од Обединетите нации за извоз на украинско жито.