Шолц од Приштина: Договорот со Србија треба да го реши прашањето за признавање на Косово

од Vladimir Zorba
229 прегледи

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави во Приштина дека дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Европската унија (ЕУ) треба да го реши прашањето за признавање на Косово.

Шолц на заедничката прес-конференција со косовскиот премиер Албин Курти денеска рече дека на дијалогот му е потребен конструктивен став, велејќи дека конечниот договор ќе придонесе за стабилноста на регионот на Западен Балкан.

„Конечниот договор мора да го реши и прашањето за признавање на Косово, бидејќи е незамисливо две земји кои не се признаваат себеси да станат дел од ЕУ“, рече Шолц.

Тој рече и дека Германија е посветена на што поскорa визна либерализација за Косово, бидејќи условите се исполнети и дека за тоа се разговара со партнерите за да ги убеди во тоа.

Шолц рече дека со Курти разговарал и за јасната позиција на Косово во однос на војната во Украина.

„Руската агресија бара јасна позиција и решителен одговор, каде што господинот Курти и Владата на Косово, преку поддршката на сите мерки и санкции, покажаа дека Косово, како доверлив партнер, стои на наша страна и на страната на Европската и меѓународната заедница“, рече Шолц.

Германскиот канцелар на 10 јуни ја започна дводневната турнеја низ Западен Балкан во Приштина.

Слични содржини