По руската воена акција во Украина германскиот канцелар Олаф Шолц истакна дека Русија денеска грубо го прекршила меѓународното право, нанесувајќи им страдање на соседите, кршејќи го суверенитетот и границите на Украина и ги загрозува животите на својот братски народ во Украина.
-Така, Русија го доведува во прашање мировниот поредок на нашиот континент. Ова е војната на Путин. Путин направи голема грешка со својата војна, подвлече тој.
Шолц додаде дека тој на украинскиот претседател му ја изразил целосната германска солидарност.
Канцеларот наведе дека го свикал Советот за национална безбедност за да донесе одлука за натамошни активности и ги повика сите германски граѓани да ја напуштат Украина заради сопствена безбедност.
Шолц најави и дека попладнево како претседавач со Г7 ќе се заложи за единствената силна реакција на најсилните демократии во светот. Тој додава дека Германија е во тесна соработка со своите партнери во НАТО и ЕУ и со нив ќе одлучи за дополнителни строги санкции.
-Целта на санкциите е јасно да му се стави до знаење на руското раководство дека ќе плати висока цена, рече германската канцелар.