Напаѓајќи ја Украина, Русија го затвори секој пат за Западот, освен за вооружување на Украина за одбрана, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Претседателот Владимир Путин не ни даде друга опција“, рече Шолц на конгресот на Сојузот на германските синдикати ДГБ.
„Путин го стави на коцка мирот во Европа со агресивна војна и тоа не смее да биде случај, и затоа и помагаме на Украина“, додаде канцеларот. „Со реваншистичкиот проект на империјата, рускиот претседател го фрли во вода принципот на неповредливост на границите“.
„Прифаќањето на тоа значи не само препуштање на жртвата на судбината, туку и зајакнување на агресорот во прекршокот“, рече Шолц.
Тој не го коментираше говорот на Путин на парадата по повод 77-годишнината од крајот на Втората светска војна, односно оправдувањето на нападот врз Украина со заканата од НАТО.
Два дена по рускиот напад, Германија стави крај на една деценија воздржување од испраќање оружје во конфликтните зони. Пред две недели и владата во Берлин одобри испраќање тешко вооружување.
Засега Германија планира во Украина да испрати оклопни противвоздушни системи Гепард и хаубици со дострел од 40 километри.