Германскиот канцелар Олаф Шолц отпатува во Канада, а оваа необично висока посета е израз на „интензивирање на односите“ и воедно последица на пресвртниот момент по рускиот напад врз Украина, пишува Дојче Веле.
Шолц ќе ги посети Монтреал, Торонто и Стивенвил, Њуфаундленд. Со него патува вицеканцеларот Роберт Хабек, како и деловна делегација од 30 луѓе.
Портпаролот на германската влада нагласи дека кабинетот во Берлин се чувствува особено поврзан со Канада, а особено со лево-либералната влада на Џастин Трудо.
Затоа не се работи само за војната во Украина и бизнисот со Русија, туку и за проширување на енергетското партнерство со Канада.
Германија е заинтересирана за водород и течен гас. Канада би можела да биде важен партнер за двата енергетски извори: не веднаш, туку за неколку години, пишува DW.
Шолц и Трудо имаат намера да го потпишат договорот за водород во Стивенвил во вторник.
Њуфаундленд има огромен потенцијал за производство на енергија од ветер, а течниот природен гас од Канада може да помогне Германија да стане независна од рускиот гас.