Шпанскиот премиер ја обвини Русија за воени злосторства во Украина

од Milan1
211 прегледи

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека руското бомбардирање на болниците во Украина е воено злосторство. Три лица загинаа, меѓу кои и едно девојче, а 17 се повредени во бомбашкиот напад на породилиште во Мариупољ.

„Гледаме како бомбардираат болници. Тие неселективно напаѓаат цивили, очигледно ги кршат човековите права и многу веројатно вршат воени злосторства, а овие воени злосторства не смеат да останат неказнето“, рече Санчез за време на посетата на прифатниот центар за украински бегалци во Позуело де Аларкон , во близина на Мадрид.

Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг претходно овој месец објави дека ќе започне истрага за можни воени злосторства извршени од Русија во Украина. Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, одлучи „да го продолжи процесот на покренување истрага за ситуацијата во Украина, и тоа што е можно поскоро“.

Русија не го признава Меѓународниот кривичен суд

Според Римскиот статут, Украина не е страна на МКС, но ја прифатила својата јурисдикција во случај на воени злосторства и злосторства против човештвото на нејзина територија, рече Кан. Русија, од друга страна, не го признава овој суд.

На почетокот на оваа недела, германското државно правобранителство објави дека започнало истрага за можни воени злосторства на руските сили по инвазијата на Украина за која одлучи Владимир Путин. Во последниве години, Германија одигра водечка улога во гонењето на воените злосторства и злосторствата против човештвото во конфликтите во странство, на пример во Сирија.

Притоа, го применува принципот на „универзална јурисдикција“ кој овозможува судење на одредени кривични дела во Германија, без разлика каде се извршени. Заедно со германското обвинителство, отпочнување на сопствени истраги во таа насока најави Шпанија.

Шпанија го истражува прекршувањето на меѓународното хуманитарно право
Шпанското обвинителство ќе истражува сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право кои произлегуваат од „неоправданиот чин на војна“ и руската инвазија на Украина и „ќе има за цел да ја утврди криминалната природа на фактите и да спроведе онолку истраги колку што е потребно“.

Британската полиција на почетокот на март повика сведоци на можни воени злосторства извршени во Украина за да помогнат во истрагата што ја започна МКС.

Слични содржини