Меѓународната заедница треба да се обиде да воведе санкции кон Израел за да ја запре војната во Газа, изјави шпанскиот министер за надворешни работи, пред денешниот состанок на европските и арапските земји во Мадрид, на кој ќе се повика на прекин на нападите врз Газа.
Во недела, Мадрид ќе биде домаќин на 20 земји, како и на меѓународни организации, со цел „да се запре оваа војна, која повеќе нема никаква цел“, изјави шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, за радио „Франс Инфо“.
„Хуманитарната помош мора масовно да влезе во Газа, непречено, неутрално, за Израел да не одлучува кој може да јаде, а кој не“, рече тој.
На претходен ваков собир во Мадрид минатата година учествуваа земји како Египет, Јордан, Катар, Саудиска Арабија и Турција, како и европски земји како Ирска и Норвешка кои ја признаа палестинската држава.
На неделниот состанок, на кој ќе присуствуваат претставници на Арапската лига и Организацијата за исламска соработка, ќе се промовира решение за израелско-палестинскиот конфликт со формирање на две држави.
Откако Европската Унија оваа недела одлучи да го преиспита својот договор за соработка со Израел, Албарес вели: „Мора да размислиме за санкции, мора да направиме сè, да размислиме сè за да ја запреме оваа војна“.
Шпанија е една од земјите што, заедно со Ирска, е најгласна во Европа во осудата на Израел и повикувањето за прекин на геноцидот што се спроведува во Појасот Газа.