Нема ништо подобро од жешко кафе за почеток на денот. Некои го пијат поради неговиот вкус, додека други бараат енергетски поттик. Има и луѓе кои повеќе го сакаат чајот од кафето, но се поставува прашањето, кој има повеќе кофеин, кафето или чајот?
Колку кофеин има чајот?
Чајот е топол пијалак што го добивате кога ќе ставите суви листови од растенија во врела вода. Постојат повеќе од илјада видови на чај.
Студијата од 2008 година покажа дека содржината на кофеин во различни видови чај се движи од 14 до 61 милиграми по чаша. Немаше посебна врска помеѓу јачината и видот на чајот, но времето кога кесичката чај останала во вода имало големо влијание врз концентрацијата на кофеинот, пишува IFLScience, пренесе Стандард лајф.
Колку кофеин има кафето?
Содржината на кофеин во кафето варира во зависност од големината и видот на кафето. Ако пиете двојно еспресо, тоа содржи од 60 до 100 милиграми кофеин, додека една просечна шолја кафе содржи од 65 до 120 милиграми.
Што е сепак кофеинот?
Како што поминува денот, ние стануваме уморни поради аденозин, кој нашиот мозок го произведува се повеќе и повеќе од утро до вечер. Како стимуланс, кофеинот го имитира аденозинот во мозокот. Резултатот е чувство на одмор.
Што има повеќе кофеин?
Можеби сте слушнале дека чајот има повеќе кофеин од кафето, но тоа не е точно. Ако ја погледнете содржината на кофеин во суровините на секој пијалак, листовите од чајот излегуваат на врвот со 3,5 проценти кофеин, во споредба со само 1,1 до 2,2 проценти во зрната кафе, објаснува една студија од 2009 година.
Кога ќе ставиме кесичка чај во врела вода, добиваме разредена верзија на суровите производи. Ова е причината зошто, и покрај тоа што е појак од зрната кафе, чајот има помалку кофеин од кафето.