Шведска не дозволи изградба на 13 паркови со ветерници во Балтичко Море поради безбедносни ризици

од Илинка Илиоска
54 прегледи

Шведската Влада денеска соопшти дека ги отфрлила барањата за изградба на 13 паркови со ветерници во Балтичко Море поради загриженоста за одбраната. Во исто време, Владата во Стокхолм издаде дозвола за изградба на електрана на ветер на западниот брег на земјата.

Шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон изјави дека изградбата на ветерни електрани во Балтичко Море ќе им наштети на одбранбените интереси. Како една од причините тој посочи дека таквата конструкција ќе го отежне откривањето и соборувањето на проектили со помош на шведските системи Патриот во случај на конфликт.

Единствениот парк со ветерници што доби градежна дозвола ќе се вика „Посејдон“ и ќе произведува околу 5,5 терават часови електрична енергија годишно.

Уште 10 апликации за изградба на парк со ветерници сè уште чекаат одобрение од Владата. Шведска планира да го удвои своето производство на електрична енергија во текот на следните две децении на околу 300 терават часови за да го исполни очекуваниот раст на побарувачката бидејќи индустријата и транспортниот сектор постепено ја исклучуваат употребата на фосилни горива.

Десничарската Влада во Стокхолм досега се фокусираше на нуклеарната енергија, со цел да изгради 10 нови реактори до 2045 година. Шведска моментално има шест реактори.

Шведска минатата година произведе 163 терават часови електрична енергија, а од ветер е прозведена околу 21 проценти односно 34 терават часови.

Слични содржини