Шведски пратеник: Како членка на НАТО, Шведска ризикува да биде вовлечена во туѓи војни

Според Керстин Бергео, претседателка на антивоената организација „Свенска Фредс“, на светот не му треба проширување на НАТО туку повеќе дипломатски напори

од Бети Божиноска
251 прегледи

Со членството во НАТО, Шведска ризикува да биде вовлечена во туѓи конфликти, изјави за телевизијата „СВТ“ Хакан Свенелинг, пратеник на  Левата партија.

„Мислам дека пристапувањето на Шведска е негативно. Сега ризикуваме да бидеме вовлечени во туѓи војни и конфликти. А за 10 години од сега, НАТО, чија членка ќе бидеме ние, може да биде сосема поинаква организација“, истакна тој.

Според Керстин Бергео, претседателка на антивоената организација „Свенска Фредс“, она што му треба на светот не е проширување на НАТО, туку повеќе дипломатски напори.

„Сведоци сме на зголемени тензии и зголемена милитаризација во светот. Ова е свет на кој му треба спротивното. Сакаме да видиме инвестиции во дипломатијата, во превенцијата, во елиминирањето на причините за конфликти, за да не се случуваат војни,“ рече таа.

При поднесувањето на документите за пристапување во НАТО во Вашингтон, шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави дека со тоа што стана членка на алијансата, Шведска остава зад себе период – кој опфаќа повеќе од 200 години – кога беше независна од воени сојузи.

„Ние сме скромни, но и горди. Ќе ги исполниме сите очекувања на другите членки на НАТО. Ова е почеток на нешто ново. Со нетрпение очекувам да го направиме светот побезбедно место заедно со сите членки на НАТО“, истакна тој.

Слични содржини