Шведските истражители тврдат: Саботажа на гасоводите Северен тек 1 и 2

од Nikola Popovski
230 прегледи

Шведскиот тим на истражители потврди дека во експлозиите биле оштетени гасоводите Северен тек 1 и 2, наведувајќи дека во текот на претходните денови имало „зголемено сомневање“ дека се работи за саботажа. Сомнежи дека гасоводот е оштетен во саботажа, претходно покренаа Русија, Германија и Данска.

„Потврдуваме дека имало детонации на Северените текови 1 и 2 во рамките на шведската економска зона, што предизвика значителна штета на гасоводот. „Истрагата на местото на експлозијата го зајакна сомнежот дека се работи за саботажа“, изјави главниот истражител Матс Лундквист.

Шефот на шведските истражители изјави и дека на местото на експлозијата се пронајдени докази кои дополнително ќе се испитуваат, нагласувајќи дека се работи за „многу чувствителен случај“.

Швеѓаните засега не ги идентификувале можните сторители на саботажата, наведувајќи дека во продолжението на истрагата ќе биде јасно дали ќе биде покрената судска постапка.

Веднаш по експлозијата, поранешниот полски министер за надворешни работи Радек Сикорски твитна: „Ви благодариме САД“, но го избриша твитот неколку дена подоцна.

Американските политичари никогаш не криеле дека не ги сакаат руските гасоводи на Балтикот. Претседателот Џозеф Бајден ова го изјави уште пред почетокот на војната во Украина.

Потврдени се претходните тврдења на сеизмолозите во Шведска и Данска, кои веднаш по овие настани на 27 септември регистрираа силни подводни експлозии. Во истрагата, која започна пред една недела, беа вклучени полицијата, крајбрежната стража и вооружените сили.

„Ако Русија ја нападне Украина, „Северен тек 2“ повеќе нема да постои. Ќе ставиме крај. Ви ветувам дека ќе можеме да го направиме тоа“, рече Бајден.

Германски Шпигел објави дека САД летово предупредиле неколку европски земји дека постои можност за напад на Северен тек 1 и 2, но предупредувањата биле нејасни и од нив не можело да се заклучи кој би можел да го направи тоа.

Работата на гасоводот „Северен тек“ беше прекината на крајот на август поради проблеми со ремонтот на турбините на „Сименс“, но цевките останаа полни со гас. Втората траса од овој гасовод „Северен тек 2“ вредна 11 милијарди долари е изградена минатата година, но поради низа политички причини никогаш не била пуштена во комерцијална употреба.

Руски „Гаспром“ платил половина од трошоците за изградба, додека остатокот од трошоците ги финансирале британската Шел, австриската ОМВ, француската Анжи и германските компании Унипер и Винтершел ДЕА.

Слични содржини