Си Џинпинг го предупредил Бајден: Кој си игра со оган, ќе се изгори

од Nikola Popovski

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска за време на телефонскиот разговор со американскиот колега Џо Бајден предупредил дека неговата политика во однос на Тајван е опасна и дека последиците на крајот ќе ги сноси Вашингтон.

– Кој си игра со оган сигурно ќе се изгори – му рекол Си на Бајден, пренесува кинеската државна телевизија.

Разговорот меѓу двајцата лидери траел нешто повеќе од два часа, а главни теми на разговорот биле ситуацијата околу Тајван, како и трговските договори меѓу двете земји.

Тоа беше петти разговор меѓу лидерите на двете земји.

Последниот спор меѓу Вашингтон и Пекинг се однесува на можната посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на Тајван, остров кој добива неформална одбранбена поддршка од САД и кој Кина го смета за дел од својата територија.

Пекинг најави дека евентуалната посета на Пелоси ќе ја смета за провокација и најави „силен одговор“.

Пелоси би била највисокиот американски функционер што го посетил Тајван откако републиканецот Њут Гингрич го посети островот во 1997 година, кога тој беше претседател на Претставничкиот дом на САД.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лиџијан, претходно им изјави на новинарите дека кинеската страна во повеќе наврати јасно им ставила до знаење на САД дека силно се противи на посетата на Пелоси на Тајван.

Слични содржини