Министерството за надворешни работи на Кина ја нарече лажна изјавата за барањето на кинескиот претседател Си Џинпинг до претседателот на Русија Владимир Путин да не ја напаѓа Украина за време на Зимските олимписки игри во Кина.
„Изјавата е апсолутно лажна“, изјави претставник на Министерството за надворешни работи на Кина.
Претходно „Блумберг“ објави текст во кој се тврди дека кинескиот лидер наводно му се обратил на рускиот колега со барање да не ја напаѓа Украина за време на Олимпијадата.
Министерството наведува дека ваквите изјави не се насочени само кон провокација против други држави, туку и кон нарушување на Олимписките игри.
Според зборовите на портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, материјалот на „Блумберг“ е лажна вест, се работи за специјална операција на американските служби кои ги користат медиумите.
Во последните месеци во западните медиуми се појавија информации дека Москва подготвува „инвазија“ на Украина. Русија неколку пати ја демантираше оваа информација, нагласувајќи дека ваквите изјави се користат за зголемување на бројот на војници на НАТО долж нејзините граници.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, откри дека планира да се појави на Зимските олимписки игри во Кина.
Претходно американскиот претседател Џо Бајден изјави дека Америка планира потенцијален дипломатски бојкот на ЗОИ.