„Одам во Москва за да ја прославам 80-годишнината од Денот на победата во Втората светска војна, точка“, изјави вчера словачкиот премиер Роберт Фицо, најавувајќи го своето присуство на воената парада на 9 мај во руската престолнина. Фицо им изјави на новинарите во Братислава дека оди во Москва за да ѝ оддаде почит на нацијата што одигра одлучувачка улога во поразот на нацистичкиот лидер Адолф Хитлер. Тој, исто така, ја коментираше изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека не може да ја гарантира безбедноста на лидерите кои ќе присуствуваат на парадата, опишувајќи ја како закана.
„Големо непочитување е кога некој ќе ѝ каже на земјата што имаше најголем удел во победата над фашизмот и што претрпе најголеми жртви: „Славете, можеби ќе фрлиме дрон врз вас“. Тоа не е модерна политика. Тоа е неприфатливо, скандалозно, па дури и мислам дека е смешно. Ги отфрлам таквите закани“, рече Фицо, потсетувајќи во исто време на огромните украински жртви за време на антифашистичката војна. „За Бога, украински војници исто така загинаа во голем број во Втората светска војна помеѓу 1941 и 1945 година. Ако некој не сака да го слави крајот на Втората светска војна, барем нека молчи“, рече Фицо.
Во саботата, Зеленски го отфрли предлогот на Русија за прекин на огнот за време на 80-годишнината од победата, велејќи дека Киев не може да ја гарантира безбедноста на странските гости кои ќе дојдат во Москва за парадата на 9 мај. Претходно, Русија, со одлука на претседателот Владимир Путин, прогласи прекин на огнот по повод 80-годишнината од победата во Втората светска војна: од полноќ на 7 мај до полноќ на 11 мај. Сите воени операции ќе бидат суспендирани во овој период, објави Кремљ минатата недела.
Според словачкиот премиер, Володимир Зеленски греши ако верува дека неговата изјава ќе ги одврати странските делегации од учество.
„Зеленски греши што мисли дека странски делегации нема да дојдат во Москва… Обезбедувањето на учесниците (на прославата) е одговорност на Русија“, рече словачкиот премиер. Во меѓувреме, Фицо, исто така, истакна дека со постигнувањето договор со САД, кој би им обезбедил на Американците пристап до украинските природни ресурси и би создал заеднички инвестициски фонд за обнова на Украина, Зеленски се обидува да ја продолжи војната и да ги ослабне американските напори за мирно решавање на конфликтот.
Во Москва, шефот на Кремљ, Владимир Путин, вчера оцени дека Русија ги има сите потребни сили за успешно завршување на војната во Украина без употреба на нуклеарно оружје, без оглед на тоа колку е испровоцирана да прибегне кон тоа. „Тие сакаа да нè провоцираат, сакаа да правиме грешки“, рече Путин во интервју со новинарот Павел Зарубин, објави Тасс.
Кога беше прашан за употребата на нуклеарно оружје во војната во Украина, Путин рече дека „немало потреба“ да се користи нуклеарно оружје и дека „се надева дека нема да биде потребно“. „Имаме доволно сила и ресурси да го доведеме она што го започнавме во 2022 година до логичен крај со резултатот што ѝ е потребен на Русија“, додаде Путин. Рускиот претседател, исто така, изјави дека помирувањето меѓу Русија и Украина е неизбежно и дека тоа е прашање на време. „Ми се чини дека ова е неизбежно, и покрај сите трагедии што ги доживуваме сега. Прашање на време е“, рече Путин во интервју за телевизијата „Русија 1“.
Во меѓувреме, кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Русија од 7 до 10 мај на покана на рускиот претседател Владимир Путин и ќе учествува на свечени настани посветени на 80-годишнината од победата во Втората светска војна, објави вчера прес-службата на Кремљ. Исто така, се наведува дека на преговорите ќе се разговара за главните прашања за понатамошен развој на сеопфатните партнерски и стратешки односи за соработка, како и за актуелни меѓународни и регионални прашања. „Планирано е потпишување на голем број билатерални меѓувладини и меѓуресорски документи“, се додава во соопштението.