Не треба да се има илузии, вистинската битка во војната во Украина моментално не се води на небото над Киев или Днепар, каде нападите со руски беспилотни летала драстично се зголемија во последните денови. Ниту бавниот и исцрпувачки напредок на руската армија на фронтовите во источна Украина нема да одлучи за исходот на конфликтот, кој влезе во третата година.
Клучната борба што моментално се води меѓу завојуваните страни и нивните сојузници е за влијание врз американскиот претседател Доналд Трамп, кој е сè пофрустриран од обидите за постигнување мир, пишува американскиот телевизиски канал Си-Ен-Ен.
Затоа неговиот телефонски разговор со Владимир Путин може да биде клучен. И Москва и Киев се обидуваат да го убедат Трамп дека другата страна е вистинската пречка за мирот, надевајќи се дека ќе го придобијат неговиот „непостојан ум“, барем за некое време.
По разговорот со украинскиот претседател Володимир Зеленски на погребот на папата Франциско, Трамп ги даде можеби најкритичните забелешки за Путин. Тој го осуди за ракетниот напад врз Киев и рече дека не може со сигурност да каже дали Путин е сериозен за завршување на војната.
Путин одби да го прифати 30-дневниот прекин на огнот побаран од Трамп, на кој Украина се согласи.
Трамп и Путин веќе делат цврсто уверување дека само тие лично имаат авторитет и вештини потребни за да се стави крај на војната во Украина, додека Европејците и самите Украинци на крајот ќе направат како што ќе им биде кажано.
Украинците стравуваат дека двајцата лидери ќе склучат мировен план по телефон и дека Трамп, кој вели дека подоцна ќе му се јави на својот украински колега Зеленски, може потоа да се обиде да ги наметне условите на Путин со обновена закана за повлекување на клучната американска воена и економска помош.