Американскиот „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори во Европската Унија, откри дека министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, на неодамнешниот состанок во Брисел, по секоја дискусија со колегите, го повикувал својот колега во Москва, Сергеј Лавров.
Ова несомнено е еден од најголемите скандали во ЕУ во последните неколку години, а Сијарто одлучи да се обиде да се оправда на начин што веќе многупати сме го виделе кај претседателот на САД, Доналд Трамп.
Имено, Сијарто му одговори на „Вашингтон пост“ на социјалната мрежа „X“, навредувајќи ги новинарите што ја објавија оваа приказна.
„Лажни вести, како и обично. Изнесувате лаги за да ја поддржите партијата Тиса и да создадете марионетска влада во Будимпешта која ќе го поддржува војувањето. Нема да ви го дозволиме тоа“, напиша шефот на унгарската дипломатија.
Сепак, тој не одговори само на американскиот медиум, туку и на премиерот на Полска, Доналд Туск, кој исто така ги коментираше овие обвинувања.
„Веста дека луѓе на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, ја информираат Русија за состаноците на Советот на ЕУ не треба да биде изненадување. За тоа се сомневаме веќе подолго време. Поради тоа, на тие состаноци зборувам само кога е неопходно“, напиша Туск.
Не се чекаше долго на одговор од Будимпешта, а Сијарто имаше слична порака и за премиерот на Полска.
„Наместо да шириш лаги и лажни вести, дојди во Будимпешта и јавно поддржи ја опозицијата. Минатиот пат беше успешен, но за нас“, напиша Сијарто.