Унгарија е загрижена поради „сериозните безбедносни предизвици“ во Германија, кои за жал беа многубројни во последно време, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, коментирајќи го нападот со автомобил во четвртокот во Минхен, во кој беа повредени 36 лица.
Сијарто изјави дека силна и стабилна Германија е во интерес на Унгарија, нагласувајќи дека колку е подобра германската економија, толку се подобри изгледите за економски раст на Унгарија, соопшти унгарското МНР, пренесе МТИ.
Сијарто истакна дека секоја вест за нестабилност или економски пад во Германија е лоша вест за Унгарија, пренесува Танјуг.
„Очигледно е дека овие сериозни безбедносни предизвици може да се проследат до сериозни политички грешки, но германскиот народ ќе добие можност да се справи со сето ова следната недела“, рече Сијарто, мислејќи на претстојните германски парламентарни избори закажани за 23 февруари.
Бројот на повредени во нападот во Минхен што се случи во четвртокот кога авганистански државјанин намерно влетал со возило во толпа луѓе се искачи на 36.
Меѓу повредените има и двегодишно дете чиј живот е во опасност, пренесува Билд, пренесува Танјуг.