Претседателот на Ел Салвадор, Најиб Букеле ја пратил војската на улиците како одговор на зголемениот број на убиства оваа недела. Војската излегла на улиците откако биле забележани повеќе од 30 убиства во вторникот и средата во сиромашната централноамериканска држава од 6,5 милиони жители, пренесува „Ројтерс“.
За време на претседателскиот мандат на Букеле, кој ја преземал власта во 2019-та година, бројот на убиства опаднал и изнесува помалку од две лица дневно.
„Пративме полиција и вооружени сили да го сузбијат зголемувањето на бројот на убиства во претходните 48 часа”, навел Букеле на Фејсбук, со видео снимка од војници кои патролираат на улиците. Засега не се знае колку војници се пратени и колку долго ќе трае операцијата. Букеле навел дека „силите на мракот” се во акција, но не образложил повеќе.