Во облик на предлог закони, грчката опозициска партија СИРИЗА, во Парламентот ги достави меморандумите со Северна Македонија, донесени по втор пат, откако еднаш веќе беа доставени од актуелната Влада пред нешто помалку од четири години.
Претседателот на пратеничката група на СИРИЗА Сократис Фамелос истакна дека ратификацијата е императив од национален интерес и токму затоа ја покренаа конкретната иницијатива, а трите меморандуми како предлог закони на опозицијата се со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри.
Станува збор за меморандуми што се однесуваат на европската перспектива на Северна Македонија, на економската соработка меѓу двете земји и воздушниот надзор.
-Владите на Мицотакис веќе пет години систематски негираат промоција и продлабочување на Договорот од Преспа. Договор кој им служи на националниот интерес, но и на мирот, соработката и стабилноста во особено чувствителниот регион на Балканот. Наместо да го промовира Договорот, господинот Мицотакис се залага за одржување на рамнотежата во внатрешноста на владејачката партија и комуникациско искористување на националните прашања. Но, доцнењето на ратификувањето на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија претставува опасно назадување, нанесувајќи им штета на интересите на земјата и тоа во време кога меѓународното опкружување станува неизвесно, вели Фамелос.