Системот One Stop shop ќе почне да функционира до почетокот на наредната летна сезона

од Илинка Илиоска
31 прегледи

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ, денеска по средбата во Куманово изјавија дека системот „Уан стоп шоп“ (One Stop shop)  кое ќе биде решение за намалување на метежот на граничниот премин ќе започне со целосно и ефективно функционирање до почетокот на следната летна сезона. Иако досега се потпишани неколку согласности, процедурата сè уште треба да се поедностави за системот да биде целосно оперативен.

Тошковски во изјава за медиумите, истакна дека Македонија е виновна што досега не е воведен вистински „Уан стоп шоп“.

„Господинот Дачиќ има огромно искуство во рамки на неговата политичка кариера и јас како и секогаш ќе бидам малку брутално искрен. Кај нас е кабаетот, како и за сè друго. Како што е кај нас кабаетот за тоа што не го воспоставиле „Уан стоп“ системот со Република Албанија, со Косово и со Република Србија кабаетот е во Македонија заради тоа што и во овој случај имаме потпишано договор во 2019, Србија е подготвена во целост и со техничко решение и со се, а ние сме си спиеле како што во изминативе години е добро познато како факт за преземање на дејствија од страна на македонската страна. Но, тоа веќе заврши. Имаме енергија, имаме знаење, имаме поддршка и од нашите меѓународни пријатели и од нашите соседи и повеќе пати имам кажано до почетокот на наредната летната сезона ќе го воспоставиме навистина ванстоп шоп системот и со Албанија, и со Косово и со Србија“, рече министерот Тошковски.

Целта е да се намали метежот на граничниот премин, вели вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.

„Ние веќе имаме потпишани некои согласности, но треба да се поедностави процедурата. Тоа да биде еден преглед. Треба едноставно технички да се реши тој проблем и што повеќе да се поедностави постапката. Јас пред малку на мојот пријател му реков и заедно сме се жалеле еден на друг, дека не чека слична ситуација генерално со ЕУ затоа што од 10 ноември се во сила нивните посебни правила за влез во ЕУ за граѓаните од земјите кои не се членки на ЕУ и на секој влез ќе морате да давате отисоци на четири прсти и фотографија за да влезете во тој систем. Тоа значи, дека сите нивни премини мора да бидат технички оспособени за да ја имаат можноста тоа брзо го апсорбираат бидејќи тоа ќе бидат стотина, илјада па и милиони луѓе кога ќе тргнат, тогаш е прашање. Тие велат дали може по пат на некои апликации, па не може по пат на апликација, бараат прсти, сигурно до толку знаат законодавство дека тоа не може така. Така што ни самата Европска унија понекогаш не знае што бара од нас, но она што се однесува за нас двајцата за овој наш премин еве и едните и другите го дадовме тој налог, бидејќи ние веќе се потпишавме повеќепати, но ајде сега навистина да се направи. Не дека баш ќе нема гужва, но барем да се чека помалку“, рече Дачиќ.

Тошковски и Дачиќ оценија дека средбата помеѓу тимовите е успешна, како и соработката помеѓу двете министерства.

„Разговаравме за сето она што е поврзано помеѓу двете полиции од аспект на тековната соработка, која е одлична и можеме само да ја продлабочиме понатаму со сите оние оперативни соработки коиги имаме. Разговаравме исто така во насока на подобрување на транзитот на нашите граѓани на граничните премини за тоа што договорено е во рамки на техничките/работните групи коишто се формирани да се одржуваат континуирани состаноци. Наредната недела нашите информатички служби ќе имаат состанок со информатичките служби на Република Србија. Овој проект е доста значаен и за Македонија и за Србија, така што мислам дека мораме да имаме континуирани ангажирања во рамки на негова реализација. Разговаравме за сите оние заеднички соработки што ги имаме како во делот на обука, така во делот и на идни обуки кои би ги имале евентуално. Така што накратко можам да констатирам дека оваа работна средба помина одлично помеѓу двата тима на министерствата за внатрешни работи“, изјави Тошковски.

Во однос на меѓусебната соработка, Дачиќ ја истакна претходната соработка со министерот Тошковски и двете министерства за формиарње на мешани патроли во Охрид во туристичката сезона, за поддршката при справуавњето со вонредната состојба со пожарите во државава. Двајцата, како што посочи во изјавата разговарале и на други теми како што борба против тероризмот и криминалот, за борбата против мигрантите, со трговија на луѓе, шверц со дрога и наркотици, во борбата против општиот криминал, како и за брза размена на информации во борбата против тероризам. Во иднина Дачиќ оекува соработката да стане секојдневна и вообичаена во интерес на граѓаните.

Одговарајќи на новинарски прашања, Дачиќ рече дека најголем процент од илегалните преминувања кај нив се од соседна Бугарија.

„Најмногу доаѓаат од Бугарија. Повеќе од 50 проценти доаѓаат од таму, некаде малку повеќе од 30 отсто доаѓаат од Северна Македонија. Јас сега не знам дали кај вас доаѓаат од Грција или од Бугарија, но кога ќе го видите тоа, вие веднаш гледате дека од тој правец и еден мал дел кој доаѓа од Романија, но сакам да кажам највеќе од Бугарија и кога ќе го видите тоа и кога ќе го споите со оние кои доаѓаат кај вас вие всушност гледате дека 80 или 90 отсто од луѓето доаѓаат од Бугарија и Грција“, рече Дачиќ.

Министерот Тошковски посочи дека најмногу илегални преминувања кај нас има од Грција и истакна дека и досегашната и идна помош е ЕУ е добредојдена.

„Македонија исто како и Србија е дел од рутата на илегалната миграција. Ние сме транзит земја како што е и Србија и најголем дел од илегалните мигранти коишто влегуваат во Македонија се исто така од нашиот јужен сосед, односно од Република Грција. Така што тезата којашто ја кажа мојот колега е за жал иста и со Македонија, односно и во Македонија илегалните мигранти влегуваат од земја членка на ЕУ. Помош е потребна во овој дел и ја добиваме. Слободно можам да кажам огромна благодарност до ФРОНТЕКС коишто се поставени на јужната граница и помагаат значително во рамки на сето она коешто значи работа на гранична полиција. Но, секогаш поддршката е добредојдена особено во делот на имплементација од аспект на технички решенија коишто ни се потребни и тоа како – ја добиваме, но секогаш би било подобро кога би имале што повеќе технички средства коишто би ни биле ставени на располагање. Така што, во иднина мораме да се фокусираме поорганизирано, технички поподготвено, со човечки ресурси поподготвено се со цел да можеме да одговориме соодветно на овој тип на предизвик“, рече Тошковски.

Слични содржини