Скандал во Франција: Повеќе од еден милион автомобили регистрирани нелегално

Проблемот датира од 2017 година, кога државата делумно го приватизираше системот за регистрација на возила.

од Кристијан Димков
8 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ДВ

Голем скандал ја тресе Франција откако беше откриено дека повеќе од еден милион возила се поврзани со измама во системот за регистрација. Истражителите велат дека слабостите во дигиталниот систем им овозможиле на лажните компании нелегално да регистрираат автомобили.

Проблемот датира од 2017 година, кога државата делумно го приватизираше системот за регистрација на возила. На продажните места за автомобили и овластените посредници им беше даден директен пристап до базата на податоци за регистрација на возила, но системот во голема мера се потпираше на самоконтрола.

Според извештајот на државната ревизорска институција, криминалните мрежи ги искористиле дупките во системот и преку околу 300 лажни компании регистрирале речиси еден милион возила, што претставува околу 1,7% од вкупниот возен парк во земјата.

Проценките покажуваат дека државата изгубила повеќе од 550 милиони евра помеѓу 2022 и 2024 година во неплатени казни, такси за регистрација и други давачки.

Лажните регистрации им овозможува на возачите да избегнат казни за пребрзо возење, патарини или паркирање, бидејќи честопати не можело да се утврди кој е вистинскиот сопственик на возилото.

Системот истотака можел да се користи и за прикривање на потеклото на украдените автомобили, кои добиваале нова „легална“ идентификација.

Истражителите предупредуваат дека проблемот не е само финансиски, туку и безбедносен, бидејќи несигурните податоци за регистрација го отежнуваат спроведувањето на законот.

Затоа, државната ревизорска институција препорачува построги контроли врз пристапот до базата на податоци за регистрација, редовни проверки на посредниците кои вршат голем број регистрации и посилна ИТ заштита на системот за да се спречат слични измами во иднина.