Славна актерка беше секс симбол, но и пронаоѓач: Без неа немаше да имаме „Bluetooth“, „Wi-Fi“ и „GPS“

од Nikola Popovski

Хеди Ламар е родена во Австрија како Хедвиг Ева Марија Кислер. Таа беше една од најголемите актерски ѕвезди во триесеттите години, а се прослави со чехословачкиот филм „Екстаза“ од 1933 година.

Овој филм влезе во историјата на кинематографијата како прв филм со сцени со голотија. По пристигнувањето во Америка, таа започнала да работи во познатата филмска компанија Метро Голдвин Мајер (МГМ). Презимето Ламар го зела на барање на компанијата, а ѝ го дале по нивната ѕвезда на немите филмови Барбара Ла Мар.

Во годините кога била на врвот на својата слава, важела за најубава жена на светот, како и за најплатена актерка.

Освен улогите, Хеди оставила неизбришлива трага и на полето на безжичните комуникации, а производите кои го користат нејзиниот патент се употребуваат и денес.

За време на паузите при снимање, актерката одела во својата приколка и истражувала.

Таа го измислила методот за трансмисија на радио-сигналите со прескокнување на фреквенции, кој се користел за таргетирање на подморници и за спроведување на блокада на Куба за време на кубанската ракетна криза. Важно е да се каже дека овој метод е дел од начинот на кој функционираат „Wi-Fi“, „GPS“ и „Bluetooth“.

Придонела и во борбата против нацистите за време на Втората светска војна. Имено, американската армија го користела нејзиниот „таен комуникациски систем“. Заедно со Џорџ Антеил, таа во 1941 година регистрирала патент за технологија со проширен спектар, кој по 10 години го користела американската морнарица, а потоа и целата армија.

Покрај тоа што придонела за нови начини на комуникација, нејзините пронајдоци вклучуваат флуоресцентни огрлици за кучиња и различни ароми на храна.

Нејзиниот приватен живот отсекогаш ја заинтригирал јавноста. Се омажила дури седум пати, а починала на 86-годишна возраст, оставајќи зад себе три деца.

Слични содржини