Словачка: Премиерот Фицо на првото официјално патување надвор од Братислава по обидот за атентат

од Илинка Илиоска
22 прегледи

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска ја посети областа надвор од главниот град Братислава за прв пат откако се врати на функцијата по обидот за атентат врз него.

Фицо, заедно со министерот за земјоделство Ричард Такач, посетија фарма во Нова Веса, североисточно од Братислава, за да ја проверат жетвата на житото.

Тој во краток говор изјави дека Словачка не е подготвена да ја укине забраната за увоз на земјоделски производи од Украина и им се заблагодари на земјоделците за вложените напори.

Користеше бастун и не одговараше на прашања од медиумите.

Тоа беше негово прво официјално патување по закрепнувањето од нападот на 15 мај, кога беше застрелан во стомакот додека се поздравуваше со поддржувачите во градот Хандлова, 140 километри од главниот град.

Фицо, кој долго време важеше за поларизирачка политичка фигура во Словачка, се врати на власт по четврти пат минатата година по победата на неговата левичарска партија СМЕР, по парламентарните избори во септември. Партијата ги стави проруските и антиамериканските пораки во фокусот на кампањата.

Неговите критичари стравуваат дека Словачка би можела да се откаже од прозападната политика и да ги следи стапките на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Низ Словачка се одржаа бројни протести против политиката на Фицо.

Слични содржини