Словенечката влада вчера се огласи и соопшти дека „ниту го земала во предвид ниту дискутирала за таканаречениот нон-пејпер споменат во извештаите во изминатите неколку дена, што предизвика бура од реакции“ во регионот.
„Владата и нејзините тела, исто така, не зедоа предвид, подготвија или дискутираа за кој било извештај од 2011 година, како што е наведено од г-дин Мустафа Цериќ во писмото до поранешниот претседател Милан Кучан, ниту наводниот нон-пејпер што се однесува на тоа, ниту се занимаваше во кој било друг контекст со распадот на Босна и Херцеговина споменат во наводниот нон-пејпер“, се вели во соопштението.
Ниту Министерството за надворешни работи на Словенија, се додава, ниту кое било друго министерство на сегашната Влада на Словенија не било вклучено во такви активности.
Тие посочуваат дека Словенија и другите интересни групи во регионот, Европската унија и пошироко вложуваат максимални напори за забрзување на евро-атлантските интеграции на Западен Балкан.
„Со тоа, Словенија е убедена дека ниту еден чекор во оваа насока не треба да го загрозува мирот и соживотот во Босна и Херцеговина и регионот на Западен Балкан“, се вели во соопштението на словенечката влада.
Според наводниот документ создавањето на Голема Србија, Голема Албанија и Голема Хрватска може да помогне во решавањето на националните тензии кои ја блокираат интеграцијата во ЕУ во регионот.
Дипломатската нота најпрво излезе во словенечките медиуми. Словенечкиот премиер Јанез Јанша ги демантираше извештаите во медиумите дека ги испратил до претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, кој претседава со самитите на ЕУ, како предлог за тоа како да се справи со регионот откако Словенија го презеде претседателството со ЕУ во јули.