Утрово стигнав во Љубљана. Почеток на работна недела. Седам во едно бистро и се чувствувам „како“ дома. Некои познати сетила ми ги враќаат мислите на убавините на Скопје. Иако, истовремено, дел од нив негативно ме дразнат на помислата на нашиот главен град.
Центар на Град. Автобусите строго се движат по своите предвидени траектории. Паралелно, крај нив, минуваат многу автомобили. И уште „по паралелно“ се движат многу велосипеди. За пешаците има точно предвидени ленти за движење, пешачки премини за минување. Гужва, но во совршен ред. Исто како во Скопје, само што живееме во „гужва, но во совршен неред“. Нема потреба да ја опишувам состојбата во нашиот главен град, затоа што речиси сите сме ја доживеале.
Се забележуваат многу автобуси со странски регистерски таблички. Наредени како дрворед. Носат туристи кои сакаат да уживаат во „едноставните“ правила на урбаното живеење. Тоа што во Скопје живееме различни националности, не ни дава за право, да не почитуваме. Правила има, ред може лесно да се воспостави. Но, сепак недостасува нешто во нашата „скопска манџа“.
Многумина од пешаците, претпоставувам, се странци. Има и многу Балканци. И замислете сите, почитуваат исти правила на движење. Си велам „исто е и во Скопје. Многу пешаци, многу туристи, многу странци, но не се почитуваат правилата на движење“. Зошто?
Седам во бистрото и забележувам дека нема музика. Луѓето смирено разговараат, разменуваат мислења. И сепак, не е можно да слушнеш што зборуваат лицата на соседната маса. Тоа создава нервозна реакција за нашето љубопитно балканско уво. Но, факт е. Зборуваат тивко, смирено, релаксирано. Како капки во мирна вода. Хармонично распоредени како да создаваат звучна хармонија. Ми фали ова во Скопје.
Сепак, мелодијата на душата ја вознемирува бучавата од градежните активности. Се гради нова зграда, нешто што ретко се доживува во Љубљана. Се прашувам „зошто се гради кога градот има(ше) политика на неширење“. И сфатив – најверојатно да ги прими нашите балкански гастарбајтери.
Страшно е колку многу наши луѓе се доселени во Словенија. Слободно може да зборувате на некој туѓ јазик (освен словенечкиот) и секаде ќе бидете услужени. Македонскиот, речиси, станува како втор официјален јазик, иако секако не е. И повторно, никој не прави проблем за употребата на различните јазици. Микс од словенечки, македонски, српски, хрватски, албански, англиски… Помалку состојки има дури и во турлитавата. И повторно, се функционира.
Имам чувство дека Македонците за домаќините не се гости, ниту се туристи. Едноставно, сме прифатени како дел од словенечкото битосување. Не ни размислуваат на тоа дека сме странци, кои дошле да живеат или да шетаат низ Словенија. И тоа е убаво. Да се чувствувате како дома на 1000 километри од вашиот дом.
Зеленилото го „обвиткало“ целиот град. Во совршен ред, како нацртани, се вклопува во сите урбанистички решенија. Одлика на цела Словенија. Зелена, мирна, тивка, природна, посакувана. Сето она што многу лесно може да го добиеме и да го оствариме во наша Македонија. Да ја направиме зелена, мирна, тивка, природна и посакувана. Затоа што, очигледно не е кога секој втор размислува да се исели.
Ве оставам да размислувате. Јас продолжувам со дразнење на сетилата и со мислење како словенечкиот ред да го „наметнеме“ во македонскиот неред. Можеме, само треба да сакаме.
Toдор Стојчевски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.