По барање на здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори и Националната асоцијација за дојдовен туризам го се очекува итна смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
Туристичките здруженија подолго време укажуваат на некооперативност, дисфункционалност и непродуктивност на ресорната институција одговорна за промоција и поддршка на туризмот, за што, како што велат од Сојузот на стопански комори, на 28 октомври 2020 година јавно побараа итна смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а кон ова барање се приклучи и Независната угостителска комора. Ваквиот став е на над 95% од претставниците на туристичко-угостителскиот сектор.
„Последните години директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со својата несовесна и неправилна работа предизвика нарушување во вршењето на работите на Агенцијата и причинува штета која континуирано ја прикрива преку театрална симулација на активности, ги занемарува и не ги извршува обврските со што се нарушува вршењето на дејноста од интерес на Агенцијата, што отвора сомнежи за незаконско постапување. Како последица на ваквиот однос во прашање е доведена функционалноста на институцијата која со вакво раководење нема капацитет соодветно, прецизно и навремено да ја информира Владата за состојбите во реалниот сектор, ниту поседува авторитет да ја претставува Владата пред стопанството и јавноста, со што се предизвикува штета со големи последици која се заканува да ги обезвредни сите досегашни мерки и заложби на Владата посветени на туризмот“, стои во нивното соопштение.
Највиоскиот степен за опстанок и развој во овој период кој следува, според овие баратели е ефективноста и ефикасноста, односно неопходноста да се подготви и реализира план за рестарвација на секторот.
-Затоа бараме позицијата директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот да биде на предлог на реалниот сектор преку стопанските комори и туристичките асоцијации, за што постои подготвеност веднаш да се достави консензуален предлог од страна на стопанството за носител на функцијата директор при АППТ кој ќе биде кооперативен пред се со реалниот сектор, а секако и задолжително со Владата и другите државни институции. Воедно бараме Владата итно да го конституира Комитетот за туризам како владино тело од највисок ранг кое ќе ги разгледува предложените мерки, студии, проекти од областа на туризмот кое ќе дејствува како механизам за изнаоѓање решенија и надминување на пречките за развој на туризмот особено во кризни ситуации, наведува ССК и додава дека прифаќањето на барањето на бизнис секторот ќе претставува јасна политика на поддршка на секторот, но и поддршка на секторот кон државните политики“, заклучуваат во своето соопштение.