Смрт која ја шокираше Франција: Познат фотограф девет часа лежел на улица, никој не му пришол

од Vladimir Zorba
256 прегледи

Смртта на 85-годишниот фотограф Рене Роберт, кој подлегна на хипотермијата откако падна и помина девет часа целосно игнориран од минувачите на студениот тротоар во центарот на Париз, предизвика тага, гнев и неверување во Франција и пошироко.

Рене Роберт, швајцарски фотограф познат по фотографиите на некои од најпознатите шпански фламенко ѕвезди, почина минатата недела откако се лизна за време на една од неговите ноќни прошетки низ раздвижениот париски кварт каде што живееше.

Според неговиот пријател, новинарот Мајкл Момпонтету, Роберт паднал на улицата Турбиго.

„Имал вртоглавица и паднал. Не можел да стане, девет часа лежел на студ додека бездомник не повикал брза помош. Предоцна. Имал хипотермија и не можеше да преживее. Во тие девет часа не застанал ниту еден минувач да провери зошто овој човек лежи на тротоар. Никој“, напиша Момпонтету во серија твитови.

Момпонтету, кој за Франс ТВ Инфо ги раскажа околностите за смртта на пријателот, изјави дека Роберт го „убила рамнодушноста“.

„Кога оваа ужасна смрт би можела да послужи за каква било цел, тоа би било вака: кога човек лежи на тротоар, треба да провериме – без разлика колку сме зафатени. Ајде да застанеме за момент“, рече Момпонтету.

Тој истакна дека многу луѓе, меѓу кои и тој, често гледаат на другата страна кога станува збор за луѓето на улица.

„Пред да дадам лекции или да обвинам некого, морам да се позанимавам со едно мало прашање што ме вознемирува. Дали сум 100 проценти сигурен дека ќе застанев да се соочам со таа сцена… човек што лежи на земја? Зарем никогаш не сум се свртел од бездомник што лежи на вратата?“, рече Момпонтету.

Смртта, која се случи во областа на Париз каде спијат многу бездомници, предизвика дебата за граѓанската одговорност и основната пристојност.

Насловот во „Фигаро“ гласеше: „Фотографот Рене Роберт, мртов во рамнодушност на сред улица“.

Шпанската амбасада во Холандија на Твитер напиша дека смртта на „Рене Роберт, кој со својата камера ги овековечи сите големи фламенко уметници, ја предизвикува нашата колективна совест“.

„Многу сум тажен поради загубата на Рене Роберт, кого имав среќа да го запознаам и фотографирам. Не можам да разберам зошто никој не му помогна. Не сакам да мислам дека живееме во општество со толку мала вредност“,, рече фламенко пејачот и добитник на Греми – Аркангел.

Слични содржини