Со хеликоптер нападнат Врховниот суд во Венецуела

од desk3

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро соопшти дека зградата на Врховниот суд во Каракас е нападната од хеликоптер, објавија американските медиуми и Ројтерс. Најмалку една граната била фрлена во зградата, но не експлодирала. Потоа  хеликоптерот  прелетал над зградата на Министерството за внатрешни работи. Според податоците на Ројтерс хеликоптерот е полициски.
Нападот беше извршен во момент кога 54-годишниот претседател зборуваше во живо на државната телевизија, објавува АП. Мадуро изјави дека била активирана националната противвоздушна одбрана. Таа го спречила нападот што претседателот го дефинира како терористички. “Тоа можеше да предизвика трагедија со десетици убиени и ранети”, истакна претседателот.

Мадуро изјави дека го осудува терористичкиот напад и ја повика опозициската “Коалиција на демократското единство” да го стори истото, пренесе ТАСС.
Во социјалните медиуми се појавија фотографии на син полициски хеликоптер кој носел антивладиниот слоган, пренесе АП. Пилот на полицискиот хеликоптер  Оскар Перес повика на “бунт” против она што тој го опиша како “тиранијата” на Мадуро.

“Имаме два избора: да бидеме судени утре од својата совест и луѓето или да започнеме уште денес да се ослободуваме од она корумпирана влада”, изјави Перес. Тој ја читаше изјавата, а зад него стоеја четири лица во воени униформи, со маски за скијање и  пушки.
“Претседателе Николас Мадуро, бараме итно да си дадеш оставка заедно со министрите и да се свика народно гласање”, додаде Перез, цитиран од агенциите. Тој изјави дека против владата се најавува коалиција од војници, полицајци и граѓани, националисти и патриоти, без партиска припадност.

Претставниците на оваа група водат терестријална и воздушна операција “за да ја вратат власта на демократскиот народ и да го обноват уставниот поредок”, истакна Перес.
Врховниот суд на Венецуела беше еден од главните алатки на Мадуро во борбата со опозицијата, која го контролира парламентот по победата на изборите во декември 2015 година, објавуваат агенциите.
Министерот за комуникација и информирање Ернесто Вилегас изјави дека во нападот е користен хеликоптер украден од полицијата.
По улиците на Каракас се појавија оклопни автомобили , соопштува ТАСС.

Слични содржини