Технолошкиот гигант Google поддржа проект со сателити кои треба да бидат лансирани во март за собирање податоци за нивоата на метан ширум светот. Новиот сателит ќе орбитира 300 милји над Земјата, 15 пати на ден.
Се верува дека гасот метан е главната причина за глобалното затоплување бидејќи ја задржува топлината. Големо количество метан се произведува во земјоделството и во процесите на отстранување на отпадот, но проектот на Google ќе се фокусира на емисиите на метан од капацитетите за производство на нафта и гас, јавува Би-Би-Си.
Компаниите кои експлоатираат нафта и гас редовно согоруваат или испуштаат метан. Новиот проект е соработка помеѓу Google и Environmental Defense Fund, непрофитна глобална климатска организација.
Податоците собрани од сателитот ќе бидат обработени со помош на вештачката интелигенција на оваа технолошка компанија и ќе се користат за генерирање на мапа на метан со цел да се идентификуваат истекувањата на метан на инфраструктурите за нафта и гас низ целиот свет.
Сепак, компанијата соопшти дека доколку идентификува значително истекување, нема директно да го извести сопственикот на инфраструктурата одговорен за тоа.
„Нашата задача е да ги направиме достапни информациите“, се вели во соопштението, додавајќи дека владите и регулаторите ќе бидат меѓу оние кои ќе имаат пристап, а нивно е да спроведат какви било промени.
Не постои меѓународно правило за контрола на емисиите на метан. Европската унија усвои збир на предлози насочени кон намалување на емисиите, кои вклучуваат принудување на операторите со нафта и гас да го поправат истекувањето. Во секторот за јаглен согорувањето ќе биде забрането во земјите членки од 2025 година.
Мапата на Google, која ќе биде објавена на „Earth Engine“, нема да биде во реално време, туку податоците ќе се испраќаат од сателити на секои неколку недели. Во 2017 година, Европската вселенска агенција лансираше сличен сателитски инструмент наречен „Тропоми“, кој го следи присуството на гасови во трагови во атмосферата, вклучително и метан. Тоа беше мисија со минимален животен век од седум години, што значи дека може да заврши оваа година.
„Карбон Мапер“, кој користи податоци од „Тропоми“, објави извештај во 2022 година што укажува дека најголеми концентрации на метан биле забележани во Туркменистан, Русија и САД, но податоците не ги вклучуваат Канада или Кина поради облаците.
И покрај различните напори за следење, нивото на метанот останува алармантно високо. НАСА тврди дека нивоата на гасот се зголемиле повеќе од двојно во последните 200 години, а 60 отсто се создадени од човековата активност. Добитокот, особено кравите, имаат голем придонес во тој процент поради начинот на кој ја варат храната.
Во 2020 година, Американската агенција за заштита на животната средина објави извештај во кој се вели дека една крава може да произведе 154-264 килограми метан секоја година. Таа додаде дека се верува дека има околу 1,5 милијарди фармери ширум светот.
„Сателитите се одлични за откривање на навистина големи, масивни виновници за емисиите на метан“, вели Питер Торн, професор по физичка географија на Универзитетот Мајнот во Ирска, додавајќи дека откривањето на повеќе дифузни извори на метан, како што се оние од земјоделството, е малку потешко.