Во Собранието попладнево почна пленарната седница на која пратениците треба да се изјаснат за препораката на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања за одземање на имунитетот на Никола Груевски, на барање на судот поради одредување мерка притвор за предмети што ги води СЈО.
На седницата не присуствуваат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чиј почесен претседател е Груевски.
Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници.
Комисијата денеска со пет гласа „за” ги усвои шесте барања од судот за одземање на имунитетот на Груевски, кој избега од Македонија и доби политички азил во Унгарија. На седницата на Комисијата не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа седницата откако му беа испратени одлуките за барањата за одобрувања на мерката притвор.