Соларната енергија за првпат го надмина јагленот во производство на струја во ЕУ

од Aneta Risteska
36 прегледи

Европската унија забележа историски пресврт во производството на електрична енергија во 2024 година, при што соларната енергија за првпат го надмина јагленот, соопшти во својот Извештај истражувачкиот центар Ember.

Учеството на соларната енергија во енергетскиот микс на ЕУ достигна 11%, споредено со 9,3% во 2023 година. Ова ја прави соларната енергија најбрзо растечкиот извор на енергија во регионот.

Обновливите извори на енергија забележаа значителен раст, зголемувајќи го својот удел од 24% во 2019 година на рекордни 47% во 2024 година. Заедно со нуклеарната енергија, која исто така не емитира стакленички гасови, тие сочинуваат 71% од производството на електрична енергија во ЕУ.

Производството на струја од јаглен се намали под 10% за првпат од 2011 година, кога Ember почна да ги следи податоците. Јагленот, кој во 2019 година беше трет најголем извор на електрична енергија, падна на шестото место минатата година.

Производството на електрична енергија од гас опаѓа петта година по ред, достигнувајќи 15,7% во 2024 година, споредено со 16,9% претходната година. Учеството на сите фосилни горива се намали од 39% на рекордно ниски 29% во последните пет години.

ЕУ продолжува да го зголемува производството на енергија од обновливи извори со цел да ги намали емисиите на стакленички гасови, да ја намали зависноста од увоз на фосилни горива и да ја зголеми енергетската сигурност.

Истражувањето на „Ember“ открива дека без новите капацитети за соларна и ветерна енергија од 2019 година, ЕУ ќе требаше да увезе дополнителни 92 милијарди кубни метри гас и 55 милиони тони јаглен, што би чинело 59 милијарди евра.

Photo: Freepik

Слични содржини