Советничка во Општина Карпош добивала закани за ќерката поради противење на изградба на зграда кај Воена болница

од Илинка Илиоска
106 прегледи

Советничка во Општина Карпош и членка на организацијата „О2 Иницијатива“ се соочила со сериозни закани за нејзината ќерка, доколку не престане да се противи на изградбата на зградата кај Воена болница.

Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“ изјави дека преку телефон добивала закани дека нејзината ќерка ќе биде силувана ако не се повлече од активностите за поништување на градежната дозвола за овој проект. Овие закани се пријавени во полиција, но засега немаат добиено конкретен разврска.

„О2 Иницијатива“ поднела претставка до Министерството за транспорт и врски, барајќи министерот Александар Николоски да го поништи градежниот проект. Организацијата исто така најавила дека ќе продолжи со своите активности, освен ако не се постигнат задоволителни резултати.

Во рамките на својата борба против корупцијата во урбанистичкото планирање, „О2 Иницијатива“ со помош од УСАИД разви платформа која им овозможува на граѓаните да се запознаат со процесите на донесување на урбанистички планови. Платформата нуди информативни видеа, инфографици и примери на корупција во урбанистичкото планирање, како и алатки за пријавување на корупција и следење на постапките.

Татјана Чакулев нагласи дека целта на платформата е да помогне на граѓаните активно да се вклучат во следењето и пријавувањето на нерегуларности. Во понеделник ќе бидат поднесени предлог амандмани за измена на Законот за урбанистичко планирање, кои се насочени кон зголемена транспарентност и намален ризик од корупција.

„Ние сметаме дека информацискиот систем е-урбанизам треба да биде отворен за граѓаните, со цел да можат да ги следат постапките“, изјави Чакулев. Таа додаде дека треба да се промени начинот на гласање на урбанистичките планови во Советите, така што наместо едноставно мнозинство, ќе се бара двотретинско мнозинство, што би го намалило ризикот од корупција.

Чакулев истакна дека урбанистичкото планирање треба да биде централизирано, наместо секоја општина да носи одделно планови, што создава хаос. „Проблемите произлегуваат од фактот што ДУП-овите често се направени според интересите на приватните инвеститори, а не според јавните потреби“, додаде таа.

Оваа анализа е изработена од „О2 Иницијатива“ со поддршка од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во партнерство со МЦМС.

Слични содржини