Советот на Европа: Бугарија да им овозможи на Македонците да се самоидентификуваат

од Илинка Илиоска
295 прегледи

Советодавниот комитет за Рамковната конвенција за заштита на правата на националните малцинства при Советот на Европа денеска го објави своето петто мислење за состојбите во Бугарија во однос на спроведувањето на конвенцијата. Во генералниот заклучок, комитетот посочува дека Бугарија не остварила доволен напредок во обезбедувањето пристап до правата на малцинствата и ги повикува бугарските власти да усогласат активности според конвенцијата.

„Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои им припаѓаат на бугарските малцинства во странство, вакви напори не биле забележани и во рамките на Бугарија“, се наведува во документот.

Комитетот констатира дека во Бугарија недостасува свест за малцинските права како дел од човековите права. Исто така, нагласува дека бугарските власти не презеле значајни чекори за имплементирање на долгорочни препораки за прашања како што се слободната самоидентификација и целосната еднаквост на сите граѓани.

„Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. И лицата кои се идентификуваат како Помаци изразија желба да имаат корист од заштитата според Рамковната конвенција. Според властите, нема неопходни објективни критериуми и за Помаците, кои и понатаму се нарекуваат бугарски муслимани, спротивно на нивното самоидентификување“, се вели во извештајот.

Во извештајот се посочува дека пристапот до правата и нивното ефикасно спроведување треба да имаат приоритет за властите во Бугарија. Комитетот препорачува прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци и Помаци, нагласувајќи ја важноста на недискриминацијата, еднаквиот пристап до правата, и промовирањето на меѓусебно почитување, особено во образованието, културата и медиумите.

Според податоците од пописот од 2021 година, најголемото малцинство во Бугарија се Турците (8,4%), следени од Ромите (4,4%). И покрај тоа, лицата кои се самоидентификуваат како Македонци, и кои продолжуваат да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле дека се соочуваат со обесхрабрување и пречки од страна на властите, особено при организирањето јавни настани.

Советодавниот комитет се осврнува и на пресудите на Европскиот суд за човекови права, кој во 12 случаи против Бугарија утврдил непочитување на правото на слобода на собирање и здружување за здруженијата на Македонците. Комитетот ги повикува бугарските власти да го поддржат учењето на малцинските јазици и да обезбедат континуитет на наставата на турски, ромски, ерменски и еврејски јазик во областите каде овие малцинства се значително застапени.

На крајот, Советодавниот комитет ги охрабрува бугарските власти да развиваат добрососедски односи и да ја промовираат прекуграничната соработка преку билатерални договори, како и имплементација на меѓународни инструменти, меѓу кои и Рамковната конвенција.

Слични содржини