Црна Гора е блиску до одлука за воведување на седумчасовен работен ден, објави денес премиерот Милојко Спајиќ. „По детално разгледување како да се најде модел што би ги задоволил и синдикатите и работодавачите, можеме да заклучиме дека сме блиску до решение во врска со воведувањето на седумчасовен работен ден“, рече Спајиќ.
Црногорскиот премиер изјави дека на почетокот на следната недела, министерката за труд и социјална грижа, Наида Нишиќ, ќе води разговори во рамките на социјалниот дијалог со претставници на синдикатите и работодавачите, каде што, како што истакна, ќе биде кристализирана конечната верзија на оваа реформа, соопшти неговиот кабинет, пренесува Танјуг.
Како што е најавено, намерата е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот, која има за цел „подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и повеќе време за семејствата, како и поефикасна и попродуктивна работа“.
Црногорската влада претходно објави дека, во согласност со своите предизборни ветувања, планира да воведе седумчасовен работен ден во приватниот и јавниот сектор.