Според последните извештаи, се чини дека Меморијалниот центар на холокаустот „Бабин Јар“ во Киев не бил оштетен во руските ракетни напади, како што претходно се тврдеше.
Во вторникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер објави дека руска ракета погодила место каде се одава почит на 33.000 Евреи убиени таму од нацистите за време на Втората светска војна. Тој додаде дека „историјата се повторува“.
„Која е поентата да се говори „никогаш повеќе“ 80 години, ако светот молчи кога бомба паѓа на истото место на „Бабин Јар“? Најмалку петмина загинати. Историјата се повторува“, напиша Зеленски.
Ракетирани еврејски гробишта, споменикот не е оштетен?
Натан Шарански, израелски политичар и портпарол на Меморијалниот центар, го осуди Путин во тоа време за ракетирање на областа, велејќи: „Симболично е што тој тргнува со нападите на Киев со ракетирање на областа „Бабин Јар“, место на најголемиот нацистички масакр“.
Но, израелскиот новинар Једиот Ахронот подоцна го посети местото и извести дека и покрај падот на три проектили во близина, самиот споменик не е оштетен, јавува Би-Би-Си.
Во вчерашното обраќање до американското еврејско списание Форвард, Шарански објасни дека проектилите ги оштетиле тамошните еврејски гробишта, како и блискиот спортски комплекс од советската ера што Меморијалниот центар сака да го земе „под своја закрила“.
„Њујорк тајмс“ пред два дена напиша дека се уште не е познато во колкава мера е оштетен Меморијалниот центар. Имено, споменикот се наоѓа во близина на главната телевизиска кула, која беше погодена од проектили, при што загинаа пет лица.
Меморијалниот центар „Бабин Јар“ на Фејсбук објави дека руските сили ја нападнале областа, но не соопштија дали има оштетувања на споменикот.