Раководството на московскиот научен центар „Н. Гамелеја “, во кој е направена вакцината „Спутник V“, ги убеди муслиманите дека нема свинска маст или други производи што се забранети во исламот, во вакцината против корона.
– „Спутник V“ е халал производ – рече заменик-претседателот на Духовната управа на муслиманите во Русија, муфтијата Илдар Аљаутдинов.
Следната недела ќе има средба на исламски теолози со претставници на научни институти кои се занимаваат со развој на вакцината. После тоа, муфтиите ќе им се обратат на муслиманските верници и ќе препорачаат да бидат вакцинирани.
Интересно е што раководството на Духовната управа на муслиманите во Русија инсистираше да добие потврда од производителите дека во „Спутник V“ нема ништо што е забрането во исламот. Вакцината наскоро ќе се произведува во Казахстан, каде мнозинството од населението е муслиманско. Во муслиманските земји вакцината е регистрирана во Туркменистан, Иран, Алжир, Тунис, а производството на руската вакцина е планирано и во Турција.
Во Москва, објавувањето на текстот во познатиот медицински неделник „Лансет“, кој има редакции во Лондон, Пекинг и Њујорк, беше сфатено како голем успех и чекор кон признавање на Западот дека „Спутник V“ е навистина одлична вакцина против короната. Во текстот беа презентира резултатите од третата фаза на клинички испитувања на руската вакцина, која беше извршена во 25 болници и поликлиники во Москва на 21.977 волонтери. Нејзината ефикасност сега изнесува 91,6 проценти.
Главната руска санитарна лекарка и професорка д-р Ана Попова, изјави дека Русија има намера да вакцинира 60 проценти од населението против коронавирусот оваа година.
Патем, Русија регистрираше уште две вакцини направени од Центарот „Вектор“ во Новосибирск и Центарот „Чумакова“ во Москва. Русија се очекува да произведува до 30 милиони вакцини месечно кон крајот на мај и почетокот на јуни.
Сега се водат преговори со неколку земји, вклучително и Србија, за производство на „Спутник V“ со употреба на руска технологија. Главното прашање е стандардизирање на производството, бидејќи вакцината што ќе се произведува во странство мора да биде иста по квалитет како онаа од Русија.