Преку водењето соодветни политики, Народната банка ја задржа финансиската стабилност, односно стабилноста на банкарскиот сектор, што е важен предуслов за постигнување здрав и одржлив економски раст. Притоа, при присуство на ризици, важно е да се продолжи со претпазливи политики и натамошно зајакнување на отпорноста. Ова беше пораката на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и новоименуваната амбасадорка на Грција во земјава, Софија Филипиду.
На средбата беше истакнато дека низ годините Народната банка постојано и системски ја зајакнуваше регулаторната и супервизорската рамка, што придонесе за стабилен и здрав банкарски сектор, дури и во услови на криза. И Европската комисија донесе одлука со која оцени дека банкарската регулатива и супервизијата којашто ја спроведува Народната банка е во согласност со стандардите на Европската Унија, по примерот на земји како САД, Канада, Јапонија и Нов Зеланд, коишто ги исполнуваат овие стандарди. За време на последната криза беа преземени и дополнителни макропрудентни мерки, како воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, заради дополнително зајакнување на отпорноста на банкарскиот сектор.
Банкарскиот сектор, во текот на целата криза, од пандемијата наваму, ѝ дава значителна поддршка на економијата. Минатата година, вкупната кредитна поддршка се искачи на 9,4%, особено кај корпоративниот сектор каде што достигна 11,5%. Притоа, особено е важно дека кредитната поддршка е обезбедена при задржана стабилност на банкарскиот систем. Според последните податоци, стапката на адекватност на капиталот се зголеми достигнувајќи 17,7%, а нефункционалните кредити се задржуваат на ниски нивоа (3,3%). Сепак, ризиците постојат и неопходно е натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем.
На состанокот се разговараше и за тековната економска состојба и за глобалните и домашните макроекономски предизвици. Гувернерката и во оваа прилика ја истакна заложбата на Народната банка за обезбедување среднорочна ценовна стабилност, за да се осигури попредвидлив и стабилен амбиент, поволен за среднорочен раст на економијата.