151
Во рамките на агендата од првиот ден во Берлин, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров имаше средба со Јан Хекер, главен советник за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Ангела Меркел на која беа реафирмирани напорите на Германија за заокружување на Преговарачката рамка.
– Одржувањето на првата Меѓувладина конференција за време на германското претседателство ќе биде влог во кредибилитетот на Унијата во регионот и огромен поттик за Северна Македонија да ја изоди клучната етапа од патот кон членство во ЕУ, истакнал Димитров, соопшти СЕП.
Во тој контекст, се наведува во соопштението, била посочена и важноста на Берлинскиот процес, инициран од Германија, за кој што соговорниците се согласија дека значително придонесува за унапредување на регионалната соработка, преку проектите за меѓусебно поврзување и инфраструктура, дигиталната агенда (роаминг) и промовирање на соработката меѓу младите.
Вицепремиерот Димитров, се додава, се сретна и со Хелге Токсдорф, копретседавач на Мешовитиот економско-управувачки комитет меѓу Северна Македонија и Германија со кого разговараа за можностите за зголемување на соработката, со оглед на значајните германски инвестиции на македонскиот пазар.
Во однос на европската перспектива и тековните случувања за финализирање на рамката, Димитров размени мислења и со Валеска Еш, заменик извршен директор и програмски директор за Европа на Аспен Институтот, стои во соопштението.