Средба на македонската и косовската Комисија за надворешна политика

од Radmila Tasevska

Делегација на Комисијата за надворешна политика и дијаспора на Собранието на Косово, предводена од претседателката Арбереше Криезиу-Хисени и членовите, денеска во Собранието на Северна Македонија остварија средба со Комисијата за надворешна политика.

Како што соопшти собраниската прес-служба, од македонска страна со средбата претседаваше претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски, а беа присутни и членовите: Ане Лашкоска, Драган Ковачки, Иванка Василевска, Халил Снопче, Арта Биљали-Зендели и Мерита Колчи-Коџаџику.

Милошоски изрази благодарност за посетата на косовската делегација и особено задоволство од развојот на односите и соработката меѓу двете земји, кои се одликуваат со висок степен на пријателство и заемна посветеност за градење и зацврстување на добрососедските односи.

Во своето излагање тој се фокусираше на моменталната политичка ситуација, интеграцијата на земјата во Европската Унија, прашањето за уставните измени, одржувањето на претседателските и парламентарни избори следната година, како и предизвикот со кој се соочуваат земјите во Регионот, а тоа е иселувањето, стои во соопштението.

Претседателката Арбереше Криезиу-Хисени, упати благодарност за оваа прва средба на двете комисии заедно, како и за досегашната поддршка за Косово, двете држави немаат отворени прашања и од 2008 година билатералните односи бележат унапредување и зајакнување.

Криезиу-Хисени е согласна дека имиграцијата останува заеднички предизвик за двете земји и се очекува нејзино зголемување по стапување на визната либерализација за Косово од 1 јануари следната година, затоа е потребно да се донесе заедничка стратегија по оваа прашање за земјите од Западен Балкан и поддржана од ЕУ, се наведува во соопштението на собраниската прес-служба.

Пратеникот Халил Снопче беше дециден дека албанската заедница во Северна Македонија е на линија со државните интереси и нема друга алтернатива освен зачленување во заедницата на ЕУ, како што сме рамноправна членка на НАТО алијансата.

-Овие средби на парламентарно ниво особено ги цениме, бидејќи секогаш учиме едни од други, посочи Арта Биљали-Зендели.

Пратеничката Даниела Колева рече дека „како две држави имаме слични проблеми и предизвици “, Таа иницираше дискусија по однос на прашањата за унапредување на жените во политиката и дали Косово ја има имплементирано демократијата, како и други достигнувања на Косово на кои присутните разменија мислење и искуства.

Слични содржини