Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) апелира до политичките чинители во земјава да ги почитуваат актуелните препораки за заштита од топлотниот бран.
-Во услови на портокалово ниво на опасност од високите температури, Владата, меѓу другото, препорача да се избегнува престој на отворено во период од 11:00 од 17:00 часот – мерка која не ја почитуваат ниту владини претставници, ниту претставници на политичките партии, стои во соопштението на ССНМ.
На пример, се додава, денеска коалицијата „Вреди“ организираше прес-конференција на плоштадот „Скендербег“ во Скопје во 12 часот, додека вчера, во Охрид, изјава за медиумите во 14 часот имал и министерот за култура Зоран Љутков.
-Сметаме дека и владините претставниците и партиите треба да внимаваат на временскиот интервал кога ги закажуваат изјавите за медиумите, или пак, доколку е неопходно да се одржуваат во период од 11 до 17 часот, настаните да се организираат во затворени и климатизирани простории.
ССНМ претходно апелираше и самите медиуми да им овозможат соодветна заштита на своите вработени, особено на оние новинари и медиумски работници што мораат да известуваат на отворено.
-Новинарите и медиумските работници по службена должност мора секогаш да се на терен и да известуваат при секакви временски услови и токму затоа треба да се внимава и соодветно на условите да се постапува при извршување на работните задачи. Сметаме дека ниту еден работник не треба да биде изложуван на непотребен ризик по здравјето при извршувањето на своите обврски, апелираат од ССНМ.