Американскиот Стејт Департамент го објави извештајот за човековите права во Северна Македонија за 2021 година, a големо внимание во извештајот беше осврнат на слободата на изразување, како и на одговорот на органите на прогонот и судските органи на случаите на насилство и заплашување на новинарите. „Во текот на годината имаше случаи на физичко насилство, наводни закани и малтретирање на новинари“, се наведува во извештајот.
Според Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ваквите забелешки не се разликуваат многу од извештај за 2020 година каде што Стејт Департментот нотирал дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава.
– Стејт Департментот тогаш констатираше дека се уште постојат проблеми што се провлекуваат од минатите години, како што е насилството и заплашувањето на новинари, а одговорот од институциите е бавен и неефикасен, велат од ССНМ за „Локално“.
Од ССНМ потенцираат дека основен предуслов за професионално вршење на новинарските обврски и за објективното и навремено информирање на граѓаните е безбедноста на новинарите и медиумските работници.
– Гарантирањето на безбедноста на новинарските екипи го демонстрира и демократскиот капацитет на едно општество, бидејќи на тој начин се остава простор новинарите слободно да ја вршат својата работа во насока на задоволување на јавниот интерес. ССНМ лани доби и поддршка од Европската Федерација на новинари за кампањата за прекин на неказнивоста на нападите врз новинарите и медиумските работници. Нападите врз новинари и медиумски работници мора да престанат, а институциите да бидат ажурни и сторителите да не поминуваат неказнето, додаваат тие.
Заложбите на ССНМ и на ЗНМ годиниве се во насока на изменување на Кривичниот законик и заострување на казните кон напаѓачите и заканувачите на медиумските работници.
– Досега се направени низа работилници, активности, прирачници и обуки за подобрување на соработката меѓу институциите и еснафските здруженија се со цел да се подобри безбедноста на новинарите и медиумските работници. Токму ваквите извештаи од меѓународната заедница се појдовна точка за конечно донесување на реформи и остварување на заложбите на еснафските здруженија за подбрување на правата на новинарите, посочуваат од ССНМ.
Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за членовите на печатот и другите медиуми, а Владата генерално го почитуваше ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, одговорот на органите на прогонот и судските органи на случаите на насилство од трета страна и заплашување на новинари бил бавен и неефикасен“, се додава во извештајот.
Заклучно со 20 септември, Јавното обвинителство Скопје разгледало 17 кривични пријави за закани и физички или онлајн напади врз новинари. Обвинителите утврдиле дека три од тие претставки заслужуваат дополнителни обвинителски истраги, а три се упатени до МВР поради квалификување како прекршоци. Останатите 11 не заслужуваат обвинителска проверка поради недостиг на докази за криминално однесување. Заклучно со 25 август, Советот примил 95 поплаки за неетичко известување и лажни вести, што е за 10 отсто помалку во споредба со истиот период во 2020 година. Повеќе од 90 отсто од поплаките се поврзани со неетичко известување.
M.A.