Перуанскиот премиер Хектор Валер се повлекува само четири дена откако беше назначен. Причина се информациите кои „протечеа“ во јавноста, според кои тој ги претепал ќерката и покојната сопруга.
Во петокот, претседателот Педро Кастиљо рече дека ќе го обнови кабинетот, во услови на зголемена осуда за неговото назначување на Валер за премиер.
Отпуштањето на Валер значи дека Кастиљо ќе мора да го реконструира кабинетот по четврти пат за само шест месеци. Според перуанскиот устав, кога премиерот ќе поднесе оставка, целиот кабинет мора да го следи неговиот пример додека не се назначи замена и не се избере нова влада.
Во своето обраќање Кастиљо го обвини Конгресот и неговите поранешни министри за „поттикнување нестабилност и политичка несигурност“, но не ги спомна обвинувањата против Валеро.
Користејќи запалива реторика, Валер ја обвини политичката десница дека ја принудила неговата оставка поради лажни обвинувања за семејно насилство.
„Обвиненијата против мене се засноваат на лаги“, рече Валер видно изнервиран.
Неколку часа по назначувањето на Валер во вторникот, се појавија полициски извештаи од 2016 година кои го обвинуваат за семејно насилство врз неговата ќерка и покојната сопруга.
Во едно од обвиненијата поднесени од неговата 29-годишна ќерка се наведува дека тој „ја удирал со шлаканици, тупаници и клоци по лицето“, како и дека ја влечел за коса, пишува Гардијан.
Групите за правата на жените протестираа против назначувањето на Валер, а тројца владини министри исто така го повикаа премиерот да поднесе оставка. Ултраконзервативниот Валер, кој се противи на сексуалното образование и има историја на обвинувања за сексистички изјави, беше пратеник во екстремно десничарската партија пред да се приклучи на партијата што го поддржуваше Кастиљо.
Иако номинално беше левичар, тој имаше социјално конзервативни ставови против ЛГБТК активистите, легалниот абортус и сексуалното образование пред да ја преземе функцијата, кои малку се разликуваа од оние на неговите екстремно десничарски противници.
Сомнежите за неговите левичарски ингеренции дополнително се зголемија кога тој беше фотографиран како ужива во разговор со екстремно десничарскиот бразилски претседател Жаир Болсонаро.