Според проценките на Светската Трговска Организација (СТО), нарушувањата во синџирите на снабдување и поскапениот транспорт дополнително ги забавуваат глобалните текови на стоки како последица на воените случувања ширум светот.
По силното закрепнување во 2025 година, кога трговијата порасна за 4,6 отсто, темпото на раст оваа година значително слабее. СТО проценува дека во 2026 година зголемувањето ќе изнесува само 1,9 отсто, што укажува на постепено „ладење“ на пазарот.
Дел од минатогодишниот раст беше резултат на тактичко однесување на компаниите, кои побрзаа со нарачките за да го избегнат очекуваното заострување на американската трговска политика и повисоките царини. Со тоа краткорочно беше „напумпан“ обемот на размена, но без долгорочна основа.
Силен поттик на трговијата ѝ даде и експлозијата на инвестиции во технологии базирани на вештачка интелигенција. Побарувачката за опрема што овозможува развој и примена на системи со ВИ – како што се чипови, полупроводници и инфраструктура за пренос на податоци – нагло се зголеми.
Вредноста на трговијата во овој сегмент се зголеми за повеќе од четири билиони долари, со раст од речиси 22 отсто. Иако сочинуваат релативно мал дел од вкупната размена, овие производи генерираа речиси половина од вкупниот раст на глобалната трговија.
Дополнителен поттик дојде и од фактот дека клучните технолошки компоненти главно беа поштедени од новите царински бариери, што овозможи нивен непречен пласман на пазарот.