НАТО ја воочува најголемата концентрација на руски сили во Белорусија од Студената војна, вклучувајќи и ново оружје. Алијансата ја повикува Русија на деескалација, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг.
„Во последните неколку дена видовме значително преместување на руските сили во Белорусија. „Ова е најголемото распоредување на руски војници таму од Студената војна, со борбени сили од 30.000 војници, специјални единици, најсовремени ловци како „Су-35“, ракетни системи со двојна намена „Искандер“ и „С-400“ системи за воздушна одбрана“, рече Столтенберг по средбата со премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски.
Како што наведе, сето тоа се одвива паралелно со маневрите на руските нуклеарни сили кои се очекуваат овој месец.
Столтенберг ја повика Русија на деескалација.
Заедничката вежба на руската и белоруската армија се одвива во две фази. Во првата фаза (до 9 февруари) групите војници ќе бидат прераспоредени на територијата на Белорусија. Во втората фаза (од 10 до 20 февруари) ќе се одржат заеднички вежби „Сојузничка определба 2022“ во чии рамки ќе се врши сузбивање и отфрлање на надворешната агресија, како и борба против тероризмот и заштита на интересите на двете држави.